Македонија
15. October 2015 - 13:03

Иванов: ЕУ, независно од прашањето за името, да дозволи почеток на преговорите со Македонија

Земјите членки на Европската унија, независно од прашањето за името, треба да и дозволат на Македонија да ги почне преговорите за членство во Унијата, истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на денешната средба со генералниот директор на Обединетите нации во Женева, Мајкл Милер.

- Република Македонија предолго е блокирана во евроатлантските интеграции, што создава тензии во политичкиот живот и меѓуетничките состојби во земјата, посочи Иванов. 

Во тој контекст, јави известувачот на МИА од Женева, на средбата беа разменети и најновите информации околу процесот за решавање на прашањето за името, при што претседателот Иванов посочи дека е потребна засилена активност од страна на ОН како покровители на процесот,  и изрази надеж дека јужниот сосед ќе покаже поголема конструктивност во однос на воспоставување на политичкиот дијалог со цел подобро разбирање и надминување на билатералните разлики.

Генералниот директор на ОН во Женева, Милер изрази очекување за проширување на соработката, и подготвеност за натамошна поддршка на Република Македонија, преку проекти со цел надминување на актулените предизвиците. 

На средбата Иванов и Милер зборуваа за надворешно - политичките приоритети на Република Македонија и актуелната мигрантска криза со која се соочуваат земјите од Западен Балкан и Европа.

Македонија, односно Балканот е клучниот европски коридор за транзитирање низ Европа, посочи македонскиот претседател и истакна укажа дека е потребна итна интеграциja на Македониja и земjите од регионот во безбедносниот систем на ЕУ, но и зголемена техничка и финансиска помош за справување со кризата. 

- Република Македонија дава максимален  придонес во надминување на кризата со мигрантите, делуваме усогласено со другите земји, посебно со земјите од регионот, се разбира, не загрозувајќи ја националната безбедност, рече претседателот Иванов.

Неопходна, како што рече, е засилена соработка меѓу државите во регионот во контекст на постојано информирање и превенција од заканите и ризиците од илегалната миграција реафирмирајќи ја идејата за основање на антитерористички центар на Балканот. 

Иванов и Милер изразија согласност дека се додека не бидат решени проблемите во кризните жаришта, напливот на беглаци ќе постои и дека солидарноста и споделувањето на одговорноста меѓу државите во врска со овој предизвик мора да се покажат уште веднаш. 

Тие разменија и мислења за политиките на ОН,  како и за ангажманите и активностите на Република Македонија во рамки на меѓународната организација.

Претседателот Иванов ќе ја посети и Школата за дипломатија и меѓународни односи во Женева.

Претходно имаше обраќање на отворањето на Кран Монтана форумот посветено на Глобалните закани за безбедноста и тероризам, меѓународната и регионалната соработка и превенција од конфликти како и одговорот на прашањето за заканите врз меѓународниот бизнис. Нагласи дека државите од Западен Балкан мора да се интегрираат во архитектурата на безбедносниот систем на ЕУ со непречен пристап до сите бази на податоци. ЕУ, предупреди тој, се соочува со сериозни закани од тероризам, насилен екстремизам и радикализација, форми на организиран криминал и бирократија.