Македонија
2. August 2016 - 12:13

Иванов: Да ги жртвуваме личните заради државните интереси

После долго време и исцрпувачки преговори, постигнат е договор за надминување на политичката криза. Со помош на меѓународните посредници, лидерите на политичките партии се договорија за предвремени парламентарни избори. Го поздравувам овој договор што македонските граѓани го дочекаа со оддишка, порача македонскиот претседател Ѓорге Иванов во говорот, по повод Националниот празник Илинден, денеска на Пелинце.

Но, сега, рече Иванов, доаѓа потешкиот дел.  

- Тоа е да се исполни договореното и да се одржи дадениот збор. Токму сега е време за воздржаност и за одговорност, од што зависи не само разврската на кризата, туку и иднината на Македонија, истакна македонскиот претседател.

Како што за иднина ни треба единство, така за единство ни е потребно помирување, рече Иванов и додаде оти до помирување можеме да дојдеме само со жртва. Тој порача дека мора да се стави крај на спиралата на поделби.

- Денес, на ден Илинден, во името на нашите херои од минатото, но и нашите деца, кои се херои на иднината, ве повикувам да ги жртвуваме личните заради општите интереси, тесно-партиските заради државните интереси. Да изградиме култура на дијалог и компромис, но и чувство за единство околу државните интереси. Ве повикувам дијалогот да го водиме во институциите, а не во амбасадите. Поддршката да ја бараме од граѓаните, а не од меѓународните фактори, порача македонскиот претседател.

Од Пелинце, Иванов упати повик до партиите, цивилното општество, медиумите и меѓународната заедница.

- Ги повикувам политичките партии да се воздржат од непризнавање на волјата на граѓаните тогаш кога ќе изгубат избори, но и од игнорирање на неистомислениците тогаш кога ќе добијат на избори, рече македонскиот претседател.

Со цел враќање на политичката стабилност во земјата, Иванов ги повика цивилното општество и интелектуалците да се воздржат од цинизам и демонизирање на оние со кои не се согласуваат, а новинарите да бидат чувари на вистината и совест на општеството, а не да шират паника, страв и сензационализам.

Иванов упати порака и до меѓународната заедница, и ги повика нашите европски и евроатлантски партнери да не ги користат последиците од блокадите како причина за нови блокади.

- Како што блокираната европска и евроатлантска иднина придонесе да се блокираат политичките процеси во Македонија, така деблокадата на интеграциите ќе ја врати стабилноста. Ги повикувам да го почитуваат меѓународното право во случајот со Македонија, порача претседателот на Република Македонија, Иванов.

Само со заземање на заслуженото место во НАТО и почетокот на преговорите за членство во Европската унија, додаде Иванов, македонските политички елити ќе ја научат културата на дијалог и компромис.