Македонија
7. December 2016 - 21:30

Иванов: Чествувањето на свети Климент е можност за прочистување на македонското општество

Го празнуваме денот на нашиот голем учител но ги погазуваме неговите поуки. Го славиме неговото дело со нашите зборови, а го негираме со нашите дела. Се нарекуваме учители на словенството, а се доведовме во тажната состојба други да ни делат лекции“, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, на свечената академија по повод државниот празник Свети Климент Охридски и одбележувањето на 1100 години од упокојувањето на Свети Климент Охридски, што се одржа вечерва под покровителство на македонскиот претседател. 

Чествувањето на свети Климент на 25-годишнината од независноста на Македонија, рече Иванов, е можност за катарза и прочистување на македонското општество од сета нетрпеливост што се напласти во изминатиот четврт век.

- Затоа, да ја искористиме оваа можност за повторно да ја осознаеме убавината и радоста на животот. Да ја оставиме зад нас нетрпеливоста и омразата од минатото. Да се сосредоточиме на сегашноста и иднината на нашите деца, истакна претседателот Иванов. 

Тој додаде дека колку поголемо е нашето наследство, толку поголема е нашата одговорност и колку повеќе ни е пренесено од предците, толку повеќе треба да им оставиме на потомците. Во таа насока Иванов го потенцираше значењето и важноста од зачувување на македонскиот јазик, чиј втемелувач е токму Св. Климент Охридски.

- Кога сме биле делени, поробувани и прогонувани, она што не зачувало бил македонскиот јазик. Како инструмент на вистината, јазикот ни помагал да се заштитиме од лагите на пропагандите кои имале за цел да не раскараат, асимилираат и денационализираат.  Не можам а да не забележам дека зборовите кои уште од времето на Климента служеле за меѓусебно охрабрување и надградување, како да го изубија значењето. Јазикот како наша комплетна татковина се наоѓа во сериозна криза, рече македонскиот претседател.

Иванов ја потенцираше потребата од повисоко ниво на воспитание во нашето општество и потребата потенцијалот на младите да биде насочен кон постигнување на трајни вредности, неместо кон минливи виртуелни илузии. Свети Климент најверојатно би бил восхитен од капацитетите и можностите на нашето образование, но не и од нивото на нашето воспитание, рече Иванов.

Додаде дека за да го продолжиме делото на свети Климент, потребно е да вложуваме во младите. - Одговорноста на нашата генерација е да вложува во наредната генерација која ќе продолжи по зацртаниот пат, и ќе ги жнее плодовите на делото што беше засадено пред повеќе од еден милениум. Само следејќи ја оваа вистина, тие ќе имаа живот во полнота, порача македонскиот претседател.

Зборувајќи за ликот, делото и учењата на свети Климент Охридски, Иванов во своето обраќање потсети дека свети Климент Охридски секогаш инсистирал на милоста, што е од особено значење и во денешни услови за да можеме да изградиме праведно македонско општество кое ќе се потпира на мирот и вистината.

- Време е зад нас да ги оставиме поделбите и да се сплотиме, за конечно да заживееме во мир, напредок и благосостојба, потенцира Иванов.

Одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на свети Климент Охридски, годинава беа одржани повеќе академии, бројни научни собири, ликовни изложби, културни манифестации и симпозиуми, апокровител на овој голем јубилеј е претседателот на Република Македонија.