Македонија
2. August 2015 - 14:20

Иванов бара реформи на службите од безбедноста и одбраната

Претседателот на државата Ѓорге Иванов во својот говор во Крушево по повод Денот на Републиката истакна дека со оглед на случувањето од Куманово и проблемот со мигрантите се потребни реформи во одбраната и безбедноста.  

- Како што Куманово не потсети дека мора да го чуваме соживотот, така, мигрантите нè потсетија дека живееме на коридор. А коридорот мора да го чуваме. Затоа, како претседател и како врховен командант вклучен сум во иницирањето реформи на службите од областа на безбедноста и одбраната. Неопходна е и дополнителна соработка меѓу овие важни институции, како и поголема транспарентност и цивилна контрола низ Собранието. Бидејќи, сувереноста на државата се чува на границата, оцени претседателот Иванов во говорот на Мечкин Камен.

Тој се осврна на оружениот напад во Куманово.

- Припадниците на Министерството за внатрешни работи ја одбранија безбедноста, а граѓаните го одбранија соживотот. Со тоа, заветот од Крушево го исполнивме и во Куманово! Но, Куманово нè потсети дека кога сме разединети и раскарани, непријателот полесно може да се провлече меѓу нас. Таа лекција е платена со човечки животи и не смееме да ја заборавиме, рече претседателот Иванов. 

Според него, инцидентот во Куманово беше обод да се загрози безбедноста на државата и соживотот во земјата.

 - На 9 Mај, на Денот на Европа, вооружена група составена од криминалци и екстремисти, со намера да извршат терористички акти, се обиде да ја загрози безбедноста на државата. Се обидоа да ја доведат во прашање европската иднина на Македонија. Се обидоа да го разорат најскапоценото што го имаме, а тоа е нашиот македонски модел на соживот и на почитување на различноста. За среќа, не успеаја во својата зла намера, оцени Иванов.

Тој посочи дека како народ многупати сме го доживеале прогонството. Речиси да нема семејство во Македонија без историја на лично искусено прогоноство во минатото. Затоа, вели, како држава им излеговме во пресрет на бегалците од Косово во 1999.

- Денес низ Македонија минува река од мигранти од Блискиот Исток, од Северна Африка, од Азија...Бев на нашата јужна граница и многу добро ја знам состојбата со која се соочуваат и мигрантите, но и нашите сограѓани. Ги поздравувам сите хумани поединци и организации кои им помагаат на мигрантите. Но, да не заборавиме дека Република Македонија е само транзитна држава. Мигрантите пристигнуваат од земја-членка на Европската унија и се упатуваат кон други членки на Унијата, истакна претседателот Иванов.