Македонија
16. July 2015 - 17:15

Иванов: АРМ ќе и помага на полицијата со илегалните мигранти

Потребно е ангажирање на АРМ за да помогне во справувањето со мигрантите, најави претседателот Ѓорге Иванов при посетата на јужната гранична линија на РМ. Шефот на државата нагласи дека нашата земја сочуствува со судбината на овие луѓе, но заканите од насилен екстремизам и радикализам од Блискиот исток и од Северна Африка, предупредуваат дека ние како држава мора да ги преземеме сите мерки за зачувување на националната безбедност.

Македонија како држава ќе ги следи сите мерки и активности што ги преземаат членките на ЕУ и нашите активности ќе соодејствуваат со нивните, дополни Иванов.

Тој при денешната обиколка го посети граничниот премин Богородица, пунктот на МВР на железничката станица во Гевгелија каде што се издаваат потврди за искажување намера за барање азил,  како и најчесто користениот нелегален премин за влез во Македонија, од страна на бегалците.

По измените на Законот за азил, досега се издадени повеќе од 14.000 потврди за искажана намера за барање азил. Според податоците, најбројни се мигрантите од Сирија, Ирак и Авганистан.

Од започнување на издавањето на потврдите до денес до Одделението за азил во МВР се поднесени 32 барања за признавање право на азил врз основа на претходно издадена потврда.