Македонија
5. September 2017 - 10:38

„Иван се враќа дома” на сцената на МНТ од 16 до 23 септември

Московскиот театар „Мастерскаја П. Фоменко” со фестивалот „Иван се враќа дома“ првпат во Македонија ќе се претстави со три спектакли од режисерот Иван Поповски на сцената на Македонскиот народен театар.

Македонската публика  од 16 до 23 септември ќе може да ги види претставите „Сон на летната ноќ” од Вилијам Шекспир (2015), „Алиса зад огледалото” од Луис Керол (2010) и „Отровната туника“ од Николај Гумиљов (2002), сите во режија на Поповски.

Сон на летната ноќ

„Иван се враќа дома” е прв домашен фестивал на претстави од македонскиот театарски режисер Иван Поповски, кој повеќе од 25 години живее и работи во руската престолнина Москва.

Билетите за претставите може да се купат на билетарницата на МНТ и во онлајн-продажба на www.kupikartizase.com.

Алиса зад огледалото

Претставата „Сон на летната ноќ” е наградена со престижната „Златна маска“ за најдобра претстава во Русија во 2015 година, додека „Алиса зад огледалото“ ја доби наградата Златен витез за најдобра претстава за деца. Со претставите во Скопје пристигнува многубројна актерска и техничка екипа, а куриозитет претставува и тоа што сценографијата, костимите и техничката опрема пристигнуваат со четири големи камиони.

Отровна туника

Иван Поповски дипломира во класата на познатиот театарски режисер Пјотр Фоменко, на Руската академија за театарска уметност (ГИТИС) во Москва. Тој е еден од основачите на театарот „Мастерскаја П. Фоменко“, а има режирано и повеќе проекти во „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова“ во Москва.

Во 2009 година Поповски е награден со Пушкиновиот орден за посебни заслуги во промоцијата на рускиот јазик и уметност, доделен од тогашниот претседател на Руската Федерација, Дмитриј Медведев.