Фудбал
21. August 2017 - 18:04

Итало Дос Сантос: Нема поубаво од деби со гол и триумф на тимот

 
 
Новиот фудбалер на македонскиот фудбалски првак Вардар, Итало Хосе Оливеира Дос Сантос имаше деби какво што само може да посака. Бразилецот на натпреварот против Победа во својот прв настап во дресот на црвено-црните постигна и гол.  
 
Бразилецот  зборува за своите први впечатоци од пристигнувањето во Вардар и неговата адаптација во новата средина во која најголема поддршка ќе има од сонародникот Фелипе. 
 
„Од првите денови заклучив дека станува збор за одличен тим. Во Вардар има одлични момци, вистински професионалци. Се е во ред, освен што не разбирав ништо што зборуваат, но имам одличен преведувач во тимот кој што ми помогна многу да се адаптирам. Тоа е мојот сонародник Фелипе“, изјави Итало.
 
 
Тој можеше да се запише во листата на стрелците барем уште еднаш, но најпрво ја погоди пречката, а потоа имаше добра прилика за уште еден гол. Бразилецот вели дека е одлично чувство кога ќе се дебитира со постигнат гол.
 
„Тоа беше одличен натпревар за нашиот тим. Игравме одлично и што е најважно успеавме да победиме. Секако дека сум среќен за моето деби во тимот на Вардар. Нема подобро нешто од тоа кога ќе се постигне гол на првиот натпревар, на деби. Но, за мене уште поважна е победата на тимот и освоените бодови на овој натпревар. Сега ни следува реваншот со Фенербахче на кој што нормално посакувам да се избориме за резултат кој што ќе не однесе во следната фаза во групите од Лигата на Европа. Сега сме максимално фокусирани кон тој натпревар“, изјави новото вардарово засилување Итало Хосе Оливеира Дос Сантос.