Свет
17. December 2017 - 14:28

Италија се вклучува во нова мисија во Нигер за борба против тероризмот и трговијата со луѓе

 Италија ќе го намали за 50 отсто нејзиниот контигент од војници во Ирак, бидејќи се подготвува да учествува во нова меѓународна воена мисија во Нигер, изјави денеска италијанската министерка за одбрана Роберта Пиноти. 

- Поконкретно, Италија ќе го намали бројот на војници кои се распоредени во Мосул, но ќе продолжи да учествува во обучувањето на ирачките војници и полицајци, нагласи Пиноти.

Новата мисија во Нигер, што ќе биде одобрена од страна на италијанскиот Парламент следната недела, ќе ги поддржи тамошните власти во обуките на војници кои ќе се борат против тероризмот и трговијата со луѓе.

Покрај Италија, во мисијата ќе учествуваат и Франција, Германија, САД и уште пет африкански држави.

Италија првично, за потребите на мисијата ќе испрати 120 војници, но потоа нивниот број може да достигне до 470.

- За Европа, сегашноста и иднината на Африка претставуваат клучен предизвик. Новата мисија е прв чекор од конкретната европска одбранбена стратегија, истакна италијанската министерка за одбрана.