Македонија
25. December 2017 - 13:13

Истражување: Само 18 отсто од граѓаните задоволни од услугите на јавната администрација

Само 18 отсто од граѓаните се задоволни од услугите на јавната администрација. Поединечно по институции, најзадоволни се од работата на Министерството за внатрешни работи, односно од службите за издавање патни исправи, додека најмалку се заодоволни од работата на центрите за социјална политика.

Ова денеска го посочи Дијана Жупановска, од Центарот за европски стратегии, Евротинк презентирајќи ги резултатите од истражувањето, кое Центарот го спроведе заедно со Македонска платформа против сиромаштија, прво од ваков вид.

Истражувањето денеска им беше презентирано на претставници на Министерството за информатичко општество и администрација, а понатаму планирано е да се оди до надлежните министерства со цел да се посочат проблемите содржани во него.

Жупановска истакна дека 63 отсто од граѓаните сметаат дека за да добијат некоја услуга од јавната администрација потребно е да имаат врски.

- Сето тоа укажува на клиентелистичкиот однос и недостапноста на услугите за сите граѓани. Ова се должи пред се на недостигот на финасиски и човечки ресурси, додава таа.

Моментно државата обезбедува околу 150 јавни услуги кон граѓаните. Според извештајот на Народниот правобранител од 2016. втори по бројност се претставките, кои се однесуваат на работата на органот надлежен за матична евиденција на граѓаните, Управата за водење на матични книги, особено Одделението, што ги покрива матичните подрачја за град Скопје и неговите општини. 

Билјана Дуковска, претседателка на Македонска платформа против сиромаштија, појасни дека ова истражување е дел од активностите на кои веќе една година Платформата работи заедно со Фондот за население на ОН во областа на популационите регистри, при што произлегла соработката со Министерството за информатичко општество и јавна администрација во насока на разработка на најавуваниот електронски регистер на население.

- Извештајот лоцира дека најголем проблем имаат оние кои се неуки или обесправени и при тоа се ограничени да си ги бараат своите права. Здравствените услуги или она што им следува како право во сферата на социјалната заштита се едни од најкритичните, бидејќи во таа категорија најчесто се најсиромашните и најранливите категории, вели таа.

Додава дека заклучок на Платформата е дека семејствата кои живеат во сиромаштија не излегуваат од неа, туку тоа се пренесува и на другите генерации.