Македонија
24. January 2017 - 8:34

Истражување на ХОПС за децата и младите во ризик

Здружението ХОПС – Опции за здрав живот-Скопје денеска ќе ги промовира резултатите од истражувањето „Децата и младите во ризик во Република Македонија – рамноправни членови на социјалната држава или категорија за креирање фиктивни политики?“.

Истражувањето е спроведено во втората половина од 2016 година и содржи анализа на достапните сервиси и националните политики поврзани со социјална и здравствена заштита, образование, вработување и безбедност за повеќе категории групи. 

Како што информира ХОПС, со истражувањето биле опфатени деца и млади без родители и родителска грижа, во конфликт со законот, кои употребувале или сè уште употребуваат психоактивни супстанции, кои потекнуваат од семејства што имаат историја на користење психоактивни супстанции и/или се во конфликт со законот, како и деца и млади Роми.

Акцент ќе биде ставен на состојбата и предизвиците со кои се соочуваат малолетниците кои употребуваат психоактивни супстанции во системите за здравствена и социјална заштита во Македонија, како и искуствата од теренската работа на ХОПС со овие деца.