Македонија
25. May 2017 - 16:13

Истрага: Села и Кирацоски даваа изјави во Јавното обвинителство

Продолжи давањето искази на пратениците во Основното јавно обвинителство за настаните во Собранието на 27 април.

Денеска своја изјава пред обвинител даваше Претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села, кој беше најтешко повреден..

„Мислам дека сите тие кои си земаа за право и влегоа внатре во собранието, треба да одговараат пред органите на правдата ако сакаме да имаме правна држава. Многу е јасно и кој е нарачател бидејќи не се срамат и уште ги поддржуваат таквите односи и дејствија“, изјави Зијадин Села, Претседател на Алијанса за Албанците..

Исказ во Основното јавно обвинителство, денеска имаше и пратеникот од СДСМ Александар Кирацовски.

Настаните од 27 април тој ги нарече терористичко загрозување на правниот поредок.

„Јавното обвинителство мора посоодветно да се зафати со работата околу расфетлувањето на овој случај, мора да се пронајдат сторителите, соодветно да се обвинат и казнат, во спротивно ќе се испрати несоодветна порака до јавноста, порака на неказнување и наместо спласнување на ваквите негативни дејанија ќе се изврши поттик на истите“, изјави Александар Кирацовски, пратеник на СДСМ..

Инаку за настаните во Собранието, судот веќе донесе пресуди за деветмина кои беа обвинети за учество во толпа.