Свет
28. May 2017 - 10:30

Исламистите на Филипините убиле најмалку 16 лица, илјадници блокирани во градот Марави

Филипинската армија соопшти дека пронашла тела на 16 цивили, кои биле убиени од исламистичките борци во борбите за воспоставување контрола врз јужниот град Марави, пренесоа американските медиуми.

Меѓу жртвите четворица се мажи, три жени и дете, пронајдени на пат во близина на универзитетот на Минданао, во Марави. Труповите на осум други мажи, пак, се пронајдени во плиток канал крај едно село, во непосредна близина на градот.

Порака, закачена на едно од телата, покажува дека убиените биле прогласени за „предавници на верата“.

Над 2.200 цивили се блокирани во зоната на конфликтот во Марави, стравувајќи за својот живот заради заканите на исламистите и воздушните напади на армијата, информира ДПА.

Жителите на градот испраќаат смс пораки со молби за помош, но спасувачките екипи не можат да стигнат до реонот каде тие се наоѓаат.

Претставници на локалните власти побарале одбрение од исламистичките групи да испратат спасувачки екипи до 25 делови од градот, каде цивилите се уште се блокирани во станбените згради или канцеларии.

На почетокот на неделата филипинските вооружени сили и полицијата во Марави ја нападнаа терористичката исламистичка група „Абу Сајаф“ за да го фатат нејзиниот лидер Иснилон Хапилон (тој ја предводи и ќелијата на Исламска држава во југоисточна Азија, и се наоѓа на американскиот список за најбарани терористи).

Терористите, меѓутоа, на помош ја повикаа пријателската организација - Мавте, па стотина нејзини борци упаднаа во градот, запалија згради, нападнаа војници и полицајци. Операцијата на владината војска пропадна, а илјадници мирни граѓани избегаа од градот.

Претседателот Родриго Дутерте прогласи воена состојба на островот Минданао, каде се наоѓа Марави - дел од муслиманскиот автономен регион на земјата.