Свет
23. November 2017 - 13:14

Иран прoгласи победа на Асад во војната во Сирија

Командантот на Иранската револуционерна гарда, Мухамад Али Џафари прогласи победа на силите лојални на сирискиот претседател Башар ал Асад во граѓанска војна во Сирија.

Зборувајќи на иранската државна телевизија, Џафари рече дека Иран ќе игра важна улога во натамошниот развој на настаните во Сирија.

Тој нагласи и дека не доаѓа предвид разоружување на либанската проиранската шиитска Божја партија (Хезболах), која е главен сојузник на Асад во војната во Сирија.

Џафари воедно додаде дека милитантната група Хезболах мора да биде засилена и опремена со најмодерно оружје за да може да се бори против Израел.

Саудиска Арабија и другите сунитски држави во регионот, како и САД, стравуваат дека Иран го шири своето влијание врз шиитските делови на Ирак и Сирија, како и во Либан, со што Иранците добиваат влијание во огромен дел од Блискиот Исток, излез на Средоземно Море, а преку шиитските групи во Јемен, вршат притисок и врз стратегиски важниот морски теснец Баб ел Мандеб.

Ријад изврши притисок врз либанскиот премиер Саад Харири да поднесе оставка, обвинувајќи го дека не се ангажирал доволно да се контролира влијанието на Хезболах во Либан.

Франција, која е поранешен колонијален владетел на Либан, го повика Иран да не се однесува толку агресивно во малата етнички и верски мешана држава, но според Џафари, овие повици се должат на младоста и неискуството на францускиот претседател Емануел Макрон.