Свет
8. јуни 2017 - 10:04

Иран ја отфрли реакцијата на Трамп на нападите како „одвратна“

Иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф ја отфрли денеска како „одвратна“ реакцијата на американскиот претседател Доналд Трамп на нападите на Исламска држава во Техеран, во која тој изрази сочувство за жртвите, но оцени дека таа земја „сега го жнее, она што го посеала“. 

Трамп порача дека САД жалат и се молат за жртвите на нападите извршени вчера, за кои одговорноста ја презеде ИД, но истовремено нагласи дека „државите, кои го спонзорираат тероризмот ризикуваат да станат жртви на злото, кое го промовираат“. 

- Одвартно соопштение на Белата куќа...Иранскиот народ ги отфрла таквите американски пораки на пријателство, напиша Зариф на Твитер.

Зариф додаде дека „Иранците се борат против тероризмот, кој го поддржуваат американските штитеници“. 

Коментарот на Трамп предизвика критики и голем број Иранци на социјалните мрежи потсетија дека иранската Влада му пружила на Вашингтон поддршка и организирано бдеење со свеќи во Иран по нападот на САД на 11 септември 2001 година. 

Тринаесет лица се убиени, над 40 се ранети во вчерашните напади врз Парламентот и мавзолејот на ајатолахот Рухола Хомеини. Ова е прв напад на ИД во Иран.