Свет
22. February 2018 - 15:46

Ирачките власти и предадоа на Русија четири жени и 27 деца поврзани со ИД

 Ирачките власти и предадоа на Русија четири жени и 27 деца, осомничени за врски со џихадистичката група Исламска држава (ИД), соопшти Министерството за внатрешни работи на Ирак. 

Во ирачките судови има стотици предмети против странци приведени заедно со нивните деца од август, по падот на бастионите на ИД. 

- Ирак и предаде на Русија 27 деца и четири жени, кои биле заведени да се приклучат кон ИД, изјави портпарол на Министерството за внатрешни работи. 

Тој соопшти дека при сослушувањето на жените и децата, властите дошле до сознание дека тие не учествувале во „терористички активности против цивили или ирачките сили за безбедност“, додавајќи дека на нив ќе им  се суди во Русија за незаконско влегување во Ирак“. 

Од 2014 година илјадници странци и се приклучија на ИД во Ирак и Сирија. Меѓу странците кои им се придружиле на џихадистите има и многу жени. 

Во август над 1.300 жени и деца им се предадоа на силите на ирачките Курди, откако ирачката војска ги протера џихадистите од град Тал Афар во северен Ирак. Според хуманитарци, бројот на задржаните во следните месеци пораснал на околу 1.700 лица, откако повеќе странци се предале или биле уапсени во текот на операциите против исламистите.

Во декември ирачките власти прогласија победа над ИД и започна процесот против борците од странство и нивните семејства, за кои се смета дека биле во заговор со џихадистите. 

Според ирачкиот закон за борба против тероризмот, помагањето и членството во ИД се казнува со доживотен затвор или смрт. 

Од јануари Кривичниот суд во Багдад осуди две жени, Турчинка и Германка, на смрт поради членство во ИД. Овој суд во неделата осуди на доживотен затвор девет Турци и една Азербеџанка. За сите пресуди се поднесени жалби.