Свет
23. May 2017 - 9:16

Интерпол го бара поранешниот претседател на Панама, Рикрадо Мартинели

Интерпол издаде меѓународна потерница и издаде наредба за апсење по поранешниот претседател на Панама, Рикардо Мартинели, кој треба да одговара за обвиненија за политичка шпионажа за време на неговиот мандат како шеф на државата, во периодот 2009 - 2014 година, соопшти високо позициониран полициски службеник во Мексико, цитиран од британските медиуми. 

Панама - држава  во Централна Америка, минатата година до американскиот Стејт департмент испрати барање за екстрадиција на Мартинели, кога се сметаше дека тој живее во Мајами. Поранешниот претседател беше обвинет за корупција и за користење државни средства за незаконски да шпионира над 150 свои политички соперници. Доколку биде прогласен за виновен, на Мартинели му се заканува казна од над 20 години затвор.

Во моментов не е познато местотот на престој на Мартинели. Неговиот адвокат одби да го коментира соопштението на Интерпол. Самиот Мартинели неодамна негираше дека работел незаконски и на Твитер напиша дека неговиот наследник на функцијата Хуан Карлос Варела, го прогонува за да го сврти вниманието од сопствените проблеми.

Варела му беше потпретседател на Мартинели, но двајцата се во отворен конфликт по меѓусебното предавање на власта.

За време на претседателствувањето на Мартинели Панама имаше еден од највисоките показатели за економски раст на целиот американски континент, постигнувајќи особено големи успеси во изградбата на инфраструктурата.