Македонија
25. February 2018 - 10:29

Интерпарламентарна конференција за буџетските овластувања и процедури на ЕП

 Во Собранието на Република Македонија утре ќе се одржи Интерпарламентарна конференција - Моќта на касата: Буџетски овластувања и процедури на Европскиот парламент. 

Конференцијата, како што се наведува на собраниската веб-страна е организирана од Групата за поддршка на демократијата и координација на избори (ДЕГ) во соработка со Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) и Буџетскиот комитет (БУДГ), со пратеници од парламентите на земјите кандидатки и Европскиот парламент.

На отворањето ќе се обратат претседателот на македонскиот Парламент Талат Џафери, европратеникот и член на Комитетот за надворешни работи Игор Шолтес, а краток вовед за Буџетот на ЕУ ќе има европратеникот Џон Хауворт.

За повеќегодишните финансиски рамки и меѓуинституционалните спогодби за буџетски договори на конференцијата ќе зборува европратеникот и член на Буџетскиот совет Јан Олбрихт, а ќе се дискутира и за улогата на Европскиот парламент во усвојување на европскиот буџет, за надзорот над спроведувањето на буџетот од страна на европратениците, за надзорот над имплементацијата на инструментите за надворешно финансирање и за специјализираните канцеларии за буџет во националните парламенти како начин за обезбедување експертиза до пратениците.