Македонија
21. January 2018 - 16:22

Интегриран Клинички центар во функција на подобаро здравство, или уште една неуспешна реформа?/

Правници од Министерството за здравство и Фондот како и лекари од Клинички ќе ја сочинуваат работната група која треба да најде решение за повторно спојување на скопските клиники. Уште во првите денови од седнување во министерската фотеља,  Венко Филипче најави дека планираат нивно повторно интегрирање, но не прецизираше дали тоа ќе значи еден менаџер за сите 32 здравствени установи, укинување на економските директори, управните одбори и посебните комисии за јавни набавки, или, пак, нов модел. За тоа да го реализираат експерти велат дека мора да бидат согласни сите засегнати страни, но и да најдат решение за околу 500 лица, кои со спојувањето би останале без работа. Имер Селмани кој беше министер во 2007 кога се подели најголемата здравствена установа, вели дека може да има фузионирање, но не со сегашната инфраструктура на објектите.

-Ако се мисли на пациентите, бидејќи и за нив треба да се прават овие работи, тогаш мора нова зграда, нов универзитетски клинички во една зграда каде се ќе биде на едно место, и медицински факултет со амфитеатри каде студентите ќе ги совладуваат вештините и ќе има еден генерален директор каде ќе одговараат вработените, вели Имер Селмани, поранешен министер за здравство.

Според Селмани, ако само се спојат клиниките како во 2007 без никаква друга промена, тогаш повторно менаџерот нема да знае што се случува на Инфективна, Детска или во Гинекологија и ќе настане хаотична ситуација како во времето пред да ја направат трансформацијата.

-Тогаш секој правеше што сака и немаше никаква одговорност. Затоа и направивме поделба и можам да кажам првите година две функционираше. Но потоа незнам што се случи, дали од главата горе или долу нешто не функционираше, вели Селмани.

Спојување во конгломерати со посебен директор на Хиругија, посебен на Интерна, Онкологија, Детска и Инфективна, за Селмани може да биде само меѓурешение, но доколку тоа предвидува подобрување на сегашната состојба. И поранешни директори од Клинички кои не сакаат да зборуваат пред камера, коментираат дека не е добро како функционираат сега, но и незнаат дали работата ќе им тргне ако сите бидат под една капа.