Македонија
8. November 2017 - 14:29

Интегративен пристап за решавање на загадувањето на воздухот во Скопје

Централните и локалните власти, невладините организации, приватниот сектор и домаќинствата потребно е преку интегриран пристап и со заеднички напори да го надминат проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје. 

Ова е заклучокот од денешниот состанок за координирање и усогласување на активностите за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје.

На состанокот присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки, заменик-министерот Јани Макрадули, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и градоначалниците на општините од Скопскиот плански регион.

Министерот за животна средина и просторно планирање Садула Дураки истакна дека првпат во буџетот на Република Македонија е предвидена ставка со средства и мерки за намалување на аерозагадувањето и за отстранување на дивите депонии.

Дураки посочи дека во соработка со локалната самоуправа излегуваат со неколку предлог-проекти за решавање на овие појави: субвенционирање за поставувањето филтри во институциите, воспоставување филтри во јавните претпријатија и тие да добијат А лиценца, поттикнување на потребата на електрични возила, зголемена и зајакната инспекцијата и контрола од страна на одговорните инспекторати на државата. 

Макрадули апелираше на заедничка акција на државните органи, бизнис заедницата, НВО секторот, медиумите и граѓаните. 

- Сите анализи покажуваат доколку се примени само една мерка загадувањето не може многу да се намали и затоа ни треба еден интегративен пристап кој го промовираме денеска. Пристап кој значи зголемена контрола за време на техничкиот преглед, сочувување на зелените површини и урбаниот простор, како и преговори, договори како да го зголемиме бројот на граѓани кои се корисници на топлинскиот систем кој е дел од локалната самоуправа, рече Макрадули. 

Според него, потребни се помагања и субвенции од МЖСПП, од локалните самоуправи и од бизнис заедницата кон ранливите категории за да можат да го променат својот начин на загревање.

Постојниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон информира за нивното истражување што покажало дека домаќинствата со нивното греење учествуваат со една третина во загадувањето на воздухот, а со 20 отсто учествуваат транпортот, индустријата и градежништвото.  

- Најзначајниот наод од студијата е дека 45 отсто од домаќинствата се греат со дрво или со други штетни материи за воздухот. Скопје троши 370.000 тони огревно дрво што е еднакво на бројот на дрвја годишно што се наоѓаат на Водно, рече Винтон. 

Таа истакна дека произлегле три предлози за надминување на проблемот со загадувањето на воздухот, домаќинствата да ги променат застарените печки кои функционираат со огревно дрво со печки на пелети, инвестирање во изолација на домовите и што повеќе домаќинства да се приклучат на централно греење.