Македонија
3. February 2018 - 8:43

Интеграција, а не сепарација меѓу децата од различни етнички заедници

Македонските власти треба да спроведат политики што поттикнуваат интеграција и разбирање меѓу етничките заедници и да промовираат социјална кохезија, истовремено штитејќи ја разновидноста. Ова на прес-конференција го истакна комесарот за човекови права на Советот на Европа Нилс Муижниекс, кој е во петдневна посета на Македонија.
 
Според него, Охридскиот рамковен договор ставил крај на конфликтот во 2001 година и довел до промени во одредени области-правична застапеност на заедниците, децентрализација и употреба на јазиците, но социјална кохезија не е постигната.
 
- Македонското општество останува длабоко поделено по етнички и јазични основи и крајно време е политичките лидери да осмислат стратегија за интеграција за надминување на овие поделби, смета комесарот за човекови права.
 
Севкупната атмосфера во однос на човековите права во Македонија, според Муижниекс, е позитивна, а Владата испраќа многу пораки за инклузивност.
 
Според него, децата во Македонија доцна почнуваат да ги учат јазиците на другите заедници. Апелираше да се разработат посистемски и долгорочни политики за да се одбегне сепарацијата меѓу децата од различни етнички заедници во образованиот систем.
 
- Сите деца да научат македонски јазик, а истото да важи и за другите немнозински јазици во областите каде ваквите групи живеат во значителен број, истакна Муижниекс.
 
Министерката за образование и наука Рената Дескоска пак, во врска со тепачката меѓу две групи малолетници смета дека инцидентите меѓу младите се резултат на градење атмосфера на нетрпеливост, на национализам и меѓуетничка омраза што, како што рече, беше секојдневие во минатото и поттикнувано од највисоките државни функционери.
 
- Сегашната Влада се обидува да го промовира и до го рашири концептот живот за сите, заедничко живеење на сите етнички заедници, нагласи Дескоска. Таа укажа дека учењето на младите на толеранција и соживот меѓу различностите е и една од мерките во Стратегијата за образование 2018-2025 која беше усвоена во вторникот на седница на Владата.
 
Појасни дека во концептот на наставните програми ќе бидат внесувани елементи за запознавање на различностите, мултиетничката компонента ќе биде внесена и во учебниците и во наставните планови, а за градење соживот ќе се обезбедуваат и просторни услови, односно сите ученици да учат во исти училишни згради.
 
Покрај меѓуетничката интеграција, Стратегијата за образование има активности кои ги опфаќаат сите компоненти на образовниот процес - предучилишно, основно, средно, високо образование и доживотно учење, кои се структурирани во периодот од 2018 до 2025. Некои компоненти, рече Дескоска, се однесуваат на сите образовни нивоа, како на пример обезбедувањето еднаков пристап до образование за сите, вклучувајќи ги децата со посебни потреби, како и подигнувањето на квалитетот на образованието.
 
Во средното образование внимание му се посветува на стручното, кое, рече министерката, во изминатиот период беше маргинализирано и ставено настрана. Целта е средното стручно образование да се поврзе со бизнис-заедницата со цел да се создадат наставни планови кои ќе соодветствуваат на потребите на пазарот на трудот.