Македонија
25. August 2017 - 18:13

Иницијативата „Банка за храна“ на премиерот Заев му додели признание „Амбасадор за борба против гладот“

Премиерот Зоран Заев, денеска прими делегација на граѓанската организација „Банка за храна“, која му врачи плакета „Амбасадор за борба против гладот“. Признанието, како што соопшти владината прес-слуќба, на премиерот Заев му го додели Душко Христов, претседател на „Банка за храна“, заради неговиот значаен придонес во акциите на оваа иницијатива, особено во периодот кога тој беше градоначалник на Општина Струмица.

Во делегацијата на денешната средба во кабинетот на премиерот, беше и шефот на мисијата на Европската федерација на банките за храна Иго Де Фенанс и Гордана Трајковска, од граѓанското здружение за лица со попречености „Порака“ од Неготино и Дороти Пачкова, од организацијата еднородителски семејства „Една може“.

Иго Де Фенанс од Европската федерација на банки на храна, информираше дека членството на „Банка за храна“ од Република Македонија во федерацијата, ќе ѝ овозможи на македонската организација да биде дел од мрежата на сестринските организации за споделување искуства и конкретни акции со другите банки за храна во Европа.

Гордана Трајковска, од граѓанското здружение за лица со попречености „Порака“ од Неготино, и Дороти Пачкова, од организацијата едннородителски семејства „Една може“, го информираа премиерот Заев за активностите на нивните организации.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, истакна дека тој, и новиот владин кабинет, се целосно посветени на поддршката на активностите на граѓанските здруженија и дека секогаш ќе настојува да ги поместува границите на соработката со граѓанското општество.