Македонија
22. February 2018 - 12:54

Иницијатива за единство и заложби на Ромите

Ромите, за прв пат, седнаа на заедничка маса и усвоија предлог-декларација за нивните стратешки интереси во Република Македонија, посочи претседателот на здружението „Романо авази“, Акиф Кирман, на денешната прес-конференција по повод Иницијативата за единство и заложба на Ромите. 

Кирман наведе дека документот бил подготвен откако се сослушале сите страни и биле разгледани сите предлози, а во него барањата на Ромите се постигнување мултикултурно, праведно и рамноправно општество на еднакви граѓани и еднакви заедници, во согласност со Уставот на Република Македонија, правилно и целосно спроведување на принципот на мултиетничност, вистинска мултиетничка држава, праведна, целосна и правична застапеност на ромската заедница, согласно Охридскиот рамковен договор, постигнување на еднаквост при употреба на мајчиниот јазик, како и мултикултурно образование.

- Ние Ромите, како дел од народите кои живеат во Република Македонија, тргнувајќи од историските заложби на нашите предци за рамноправност, признавање и афирмација потврдувајќи ги нашите заложби за единство и заеднички цели на ромската заедница во Македонија, признавајќи го придонесот на ромската заедница во мултикултурно општество во Република  Македонија, обединети во еден глас, политичари, претставници на невладиниот сектор, лингвисти, историчари, студенти и алумни, вработени во јавната администрација и ромската заедница се согласивме за заемна заложба и единство во остварувањето на  овие стратешки цели и интереси на Ромскиот народ во Република Македонија, објасни Кирман.