Македонија
29. October 2015 - 14:27

Инфо ден за потпрограмата Медиа на Креативна Европа

Инфо ден посветен на потпрограмата Медиа на Креативна Европа се одржа денеска во ЕУ Инфо центарот.

Главниот фокус на Инфо денот беше прoмоцијата на акциите од потпрограмата Медиа чии повици за аплицирање се во тек и тоа: развој на проекти (крајни рокови за аплицирање 19 ноември 2015 и 24 април 2016) и ТВ прикажување (крајни рокови за аплицирање 3 декември 2015 и 26 мај 2016).

Сабина Бришки од канцеларијата за Креативна Европа/потпрограма Медиа на Република Словенија истакна дека потпрограмата Медиа на Креативна Европа е наменета за аудиовизуелната индустрија и најголем aкцент е ставен на независните продуценти кои своите филмови ги развиваат, на филмските фестивали, на дистрибутерите, на организациите кои работат на развој на публиката односно оние кои работат со младите и ги учат за филмот и разни други организации кои се обидуваат да работат едукациски програми за аудиовизуелни професионалци.

- Зависи од самите конкурси колку пари се на располагање. За еден од најинтересните, кој денеска ќе го претставиме бидејќи неговиот рок за аплицирање се ближи, а тоа е 19 ноември, се на располагање пет милиони евра со тоа што 160 проекти да добијат пари. Тука се фиксни износи за кои еден продуцент може да се кандидира. Значи од 25.000 евра за документарен филм до 60.000 евра за анимиран филм, за фестивалите од 19.000 до 75.000 евра..., додаде Бришки.

Директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија, Дарко Башески рече дека Македонија од јули е членка на потпрограмата Медиа во програмата Креативна Европа и се отвораат првите конкурси достапни за нас за следната година, така што заедно со Министерството за култура го организираaт овој прв Инфо ден за да се информираат филмаџиите, продуцентите и другите заинтересирани за оваа потпрограма, за конкурсите кои се во тек, како се аплицира и како може да се пристапи до овие фондови. 

- Конкурсите се достапни преку потпрограмата Медиа за нашите продуценти и филмаџии, се работи за фестивали, развој на сценарија, промоција, дистрибуција на филмови, продажба, едукација итн. Тоа се 14 конкурси во текот на годината на кои нашите заинтересирани може да аплицираат на оваа програма. Програмата Креативна Европа е достапна за сите членки и станува збор за огромен буџет, додаде Башески. 

Орхидеја Каљошевска, државен советник во Секретаријатот за европски прашања рече дека е изготвена брошура во која се опфатени сите програми на ЕУ кои Македонија може да ги користи, има кус опис на програмите, област, надлежни институции кои се задолжени, веб страни, како и контакти со министерства.