Балкан
22. May 2017 - 10:01

Инџирлик – стратешки важна и спорна база

Дојче веле - Бон
Турската воена база Инџирлик има долга историја, од бази против советската експанзија, до бази за борба против Исламската држава, а сега стана предмет на спор меѓу Турција и Германија, пишува Дојче веле.

Инџирлик во 1955 година за време на Студената војна со американска помош стана најважна база на југоисточното крило на НАТО. Како што се наведува, повеќе од 60 години таа служела за одбрана од можна советска и подоцна руска експанзија.

Се утврди и како важна во текот на разни кризи на Блискиот исток.

Кога Турција во 2014 година се приклучи на коалицијата против ИД, Анкара Инџирлик го понуди како база за воени операции против таа екстремистичка организација, која тогаш под контрола држеше големи делови на Сирија и Ирак.

Дојче веле потенцира дека Инџирлик е на стратешко поволно место, географски е блиску до земјите во кои делува ИД.

Во јануари, Турција и Германија склучија договор според кој на Германија и е дозволено во таа база да однесе извиднички авиони од Хамбург, за да учествува во мисиите против ИД. Инаку, тие авиони не се вклучени во директни борбени операции.

Во Инџирлик доминираат 39 воздушни единици на САД. Покрај авионите од типот А-10 кои од воздух пружаат поддршка на копнените трупи, американската авијација во таа турска воена база стационираше и авиони од типот F-15 и F-16, а повремено таму се наоѓале и извиднички авиони од типот Авакс, како и систем со ракети земја-воздух.

Наводно во Инџирлик се наоѓаат и нуклеарни боени глави: иако тоа американските, турските или претставниците на НАТО никогаш не го потврдија, според наводите на Сојузот на американските научници (FAS), во магацините во Инџирлик се уште од Студената војна се наоѓаат 50 атомски бомби од типот B61.

Освен Турција, САД со околу 1.500 припадници на војската, таму имаат најголем контингент. Според силината и големината на трупите ги следи Британија.

Германија таму има 260 војници кои делуваат во рамки на воздушните сили. Холандија, Шпанија, Данска, Чешка, како и Саудиска Арабија и Катар кои не се членки на НАТО, исто така имаат свои војници во Инџирлик во рамки на борбата против ИД.

Сојузниците на Германија и Турција имаат блиски односи веќе со децении и тоа не само поради тоа што се членки на НАТО уште од 50-тите години, туку и поради нивните блиски економски и социјални врзки. Актуелните тензии околу Инџирлик, се дел од поширок политички судир кој во текот на минатата година стануваше се по изразен, наведува Дојче веле.

Турција во 2016 година не дозволи на пратениците на Бундестагот да ја посетат воената база Инџирлик, откако германскиот парламент усвои резолуција во која масакрот на Отоманската империја над Ерменците од 1915 и 1916 година го нарекоа геноцид. Анкара потоа ја повлече таа одлука и дозволи на пратениците пристап во воената база. Но во мај оваа година, Турција на пратениците на Бундестагот повторно им забрани пристап на базата бидејќи Германија додели азил на турски офицери кои Анкара ги обвинува за учество во обидот на пуч во јули 2016 година, а кој имаше за цел да го смени претседателот Реџеп Тајип Ердоган.

На таа одлука реагираше и германската канцеларка изјавувајќи дека владата во Берлин се труди да дојде до заедничко решение со турската влада. Ангела Меркел додаде дека германската влада ја проверува и можноста германските војници кои учествуваат во борбата против ИД, да се стационираат во некои други бази. Како една од алтернативите се наведува и Јордан.

Германските единици моментално стационирани во Инџирлик се дел од извидничките мисии, а имаат и дополнителна задача да ги снабдуваат авионите со гориво. Освен тоа, Германците учествуваат во координација и логистика на НАТО единиците. Нејасно е во која мера разместувањето на германските трупи би се одразило на мисијата против ИД, како и на понатамошната соработка на Германија и Турција како НАТО партнери.

За стационирање на германските војници се и Кипар и Кувајт .Јордан и Кувајт инаку не се членки на НАТО, но тие земји сепак, како партнери на западниот сојуз, учествуваат во борбата против ИС. Тоа воедно ги квалификува и како можни нови локации за единиците на Бундесверот.