Бизнис
30. August 2017 - 13:22

Индустриското производство во јули помало за 2,2 отсто

Индустриското производство во јули годинава, во однос на јули 2016, е помало за 2,2 отсто. Во периодот јануари - јули 2017 година, во споредба со истиот период лани, пак, е поголемо за 0,7 отсто, соопшти денеска Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јули бележи опаѓање од 3,4%, во секторот Преработувачката индустрија од 2,6%, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има пораст од 2,1%.

Намалувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на намаленото производство во производството на облека, на метали, на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема и производството на машини и уреди.

Според главните индустриски групи, производството во јули 2017 година, во однос на јули лани, бележи пораст кај Енергија за 0,6% и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 1,4%, додека опаѓање има кај Интермедијарни производи, освен енергија за 5,6%, Капитални производи за 2,5% и Трајни производи за широка потрошувачка за 14,2%.