Свет
21. November 2015 - 9:43

Индонезија бара одлагање на спроведувањето на идејата АСЕАН да функционира како ЕУ

Индонезиската делегација на Самитот на десетте држави од групацијата АСЕАН, што се оддржува викендов во Куала Лумпур, побара оваа асоцијација на државите од Југоисточна Азија да ја одложи идејата за прогласување на АЕК, економско-политичко организирање на АСЕАН по принципите идентични на функционирањето на Европска унија.

Покрај поранешните укажувања дека се работи за држави чија економија има драстично различен развој, индонезиската делегација на годинашниов собир на шефовите на држави на Асоцијацата како адут на својата теза ги додаде и последните случувања во Шенген зоната на ЕУ, посебно различните пракси на ЕУ државите во врска со актуелната бегалска криза.

Планирано е формалниот договор за прогласување на АЕК да се објави до крајот на годинава, а неговото целосно спроведување да се остварува во две фази, до 2020 и 2025 година, кога треба да се обезбеди целосно слободен проток на луѓе и стоки во регионот кој сега има 620 милиони жители и вкупна вредност на БДП од околу 3.000 милијарди долари.

За целосна слобода на размена на луѓе и стоки најмногу се залагаат Сингапур и Малезија, кои имаат и поддршка од најмалку развиените Лаос, Камбоџа и Виетнам.

Индонезија во вкупната економија на АСЕАН учествува со 40 отсто и смета дека со потпишувањето на обврските во АЕК да се однесува како државите од ЕУ не би било ни формално, ни суштински оправдано.

Угледниот економски аналитичар од Џакарта Иван Џаја Азис вчера изјави дека Индонезија, ако прифати да биде обврзана да се однесува според правилата какви што се предвидуваат, ќе има несовладливи пречки да носи сопствени решенија во случај на економска криза. Азис го наведува примерот со Грција, тврдејќи дека Атина полесно би ја надминувала економската криза ако не била обременета со прописи и обврски кои произлегуваат од нејзиното членство во ЕУ.