Свет
18. јуни 2017 - 20:12

„Индипендент“: Британците се премислија, сакаат нов референдум за излез од ЕУ

Граѓаните на Велика Британија се премислија и сакаат нов референдум за излез на земјата од Европската унија, покажа истражувањето за јавно мислење што го спроведе британската агенција „Сурвејшен“. 

Најновите резултатит на анкетата покажуваат дека 53 отсто од граѓаните сега би го поддржале гласањето за тоа дали да ги прифатат конечните услови од договорот за Брегзит, додека 47 проценти се против, пишува денеска „Индипендент“. 

На истото прашање поставено во април, мнозинството од Британците, речиси 54 проценти, биле против друг референдум. 

Резултатите од истражувањето покажаа дека е во пораст бројот на оние лица кои се против „тврд Брегзит“. 

Само 35 отсто од испитаниците се сложиле со ставот на британската премиерка Тереза Меј, дека е „подобро да не се постигне договор, отколку да се постигне лош договор“, во преговорите со Унијата, покажа истражувањето спроведено од „Мејл он сандеј“. 

Речиси 69 проценти од Британците се против излез на Велика Британија од царинската унија. 

- На Велика Британија и е потребно Брегзитот да помине непречено со цел да се поддржат работните места и инвестициите со обезбедување на нов царински договор со ЕУ, изјави денеска британскиот министер за финансии Филип Хамонд. 

- Брегзит значи дека Велика Британија ќе го напушти единствениот пазар и царинската унија на ЕУ, истакна Хамонд, додавајќи дека сака одделување што нема да ги загрози работните места и ивестициите. 

Хамонд, во интервјуто за „Би-Би-Си“ наведе дека таквиот Брегзит би значел непречено да се излезе од актуелната царинска унија и да се постигне нов договор што ќе овозможи да продолжи протокот на британските производи, не само без царина, туку и без одлагање и процедури. 

Европската унија и британската Влада утре ги почнуваат преговорите за излегување на Велика Британија од Европската унија, а според дипломатски извори, во текот на првата рунда од преговорите фокусот ќе биде на прашања поврзани за правата на граѓаните, финансиски договоери, Северна Ирска и друго.

Британскиот секретаријат за Брегзит соопшти претходно дека се очекува двете фази од преговорите да бидат усогласени, а дека најмногу ќе се разговара за прашања поврзани со самото излегување на Британија од ЕУ и нејзините финансиски обврски. 

Дејвид Дејвис, државен секретар за излегување од ЕУ и Мишел Барние, главен преговарач на Европската комисија се договорија за покренување на преговорите за Членот 50 од Лисабонската спогодба на ЕУ на 19 јуни, соопшти минатата недела британската Влада. 

Во меѓувреме британската Влада соопшти дека Парламентот ќе одржи ретка двегодишна законодавна сесија, посветена повторно на сложени прашања околу излегувањето на Велика Британија од ЕУ. 

Преговорите за Брегзит се очекува да бидат усложнети од неочекуваната загуба на парламетарното мнозинство на премиерот Тереза Меј на изборите минатата недела.

Парламентарната сесија вообичаено трае една година, при што почнува и завршува во текот на пролетта. Сега Владата двојно го зголемува нејзиното траење за да им даде можност на пратениците да дискутираат без прекин за излезот на земјата од ЕУ. 

Велика Британија официјално соопшти дека ја напушта ЕУ кон крајот на март, што значи дека процесот треба за заврши во март 2019 година. 

- Брегзит ќе бара обемно законодавство, посочи лидерот на Долниот дом на Парламентот, Андреа Ледсом.

Плановите на Владата за активностите на Парламентот ќе бидат изнесени во говорот на кралицата Елизабета в среда.