Македонија
25. May 2017 - 22:16

Инцидент во Клиничката болница во Штип, кој кого нападнал

Инцидент на одделението за ортопедија во штипската клиничка болница. Адам Чандаров од Берово, пријавил во полиција дека пред два дена, при посета на негов роднина во болницата, бил физички нападнат од физеотерапевт, само затоа што побарал да им се помогне на друга пациентка во собата која била неподвижна.

-Од страна на здравствен работник бил фатен за косата, турнат на земја и потоа му биле зададени повеќе удари со клоци и тупаници-изјави Аксел Мемедовски, адвокат на Чандаров.

Директорката на болницата го потврдува немилиот настан, меѓутоа тврди дека инцидентот го предизвикал посетителот. Имено, тој кај неговиот роднина дошол после 17 часот, кога е забранета посета на пациентите. На одделението влегол насилно, а кога бил замолен да излезе, започнал вербална расправија, по што физички го нападнал физеотерапевтот.

-Од овие напади, физеотерапевтот, нашиот вработен, се има здобиено со повреди на раката, крв од увото и носот и по телото од тупаници-изјави Елизабета Папарова, директор на Клиничка болница –Штип.

По укажаната лекарска помош и санирање на повредите, здравствениот работник исто така го пријавил случајот во полиција.