Македонија
4. December 2017 - 16:11

ИК на ВМРО - ДПМНЕ: со политички монтирани обвиненија се продлабочува политичката криза

 

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ги оценува како политички монтираните обвиненија за тероризам во случајот 27 април, а притворите на партиските членови за неосновани и како дел од политичкиот реваншизам на новата власт.

На синоќешната седница најтесното партиско раководство заклучило дека актуелната влада ја турка Македонија во уште подлабока криза.

-Злоупотребата на државните институции кои под политички притисок на власта упаѓаа во домови и ставаа лисици на пратеници е акт на терор и газење на демократијата.

Извршниот комитет заклучи дека ваквото безумие од страна на СДСМ ја турка државата во уште подлабока криза и затоа мора да се преземат идни чекори со кои ќе се стави крај на политичкиот прогон и политичкиот реваншизам, стои во соопштението на извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ.

23 декември бил избран за датум за вонредниот конгрес, кој треба да го подготви Централниот комитет на Партијата.

Во соопштението на Извршниот Комитет нема детали за оставката што минатата недела ја најави актуелниот претседател Никола Груевски. Засега нема потврда дека овој вонреден конгрес најверојатно ќе биде и конгрес за избор на нов Претседател и ново партиско раководство.