Македонија
25. February 2017 - 16:26

И.К на ВМРО-ДПМНЕ: Ќе се спротиставиме на катастрофалниот закон за јазици

ВМРО-ДПМНЕ целосно се спротиставува на обидите да се игнорира и изигра волјата на мнозинството македонци, но и волјата на припадниците на останатите етнички заедници кои својот глас го дадоа за Коалицијата За подобра Македонија, заклучил Извршниот комитет на партијата на синоќешната седница.

-Реализацијата на платформата од Тирана и обидите преку наметнувањето на албанскиот јазик како официјален, претставува редефинирање на Република Македонија и оди спротивно на мултиетничкиот карактер на државата, ставајќи ги припадниците на останатите етнички заедници во подредена позиција, се вели во соопштението од партијата.

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ анализирајќи ја актуелната политичка состојба заклучил дека неповратно е погазено правилото на коалицирање на победничките партии во македонскиот и албанскиот блок, без разлика дали ДУИ ќе одлучи да коалицира со СДСМ или само ќе даде поддршка за формирање на малцинска влада на СДСМ без учество на ДУИ во идната извршна власт, стои во соопштението по состанокот на Извршниот комитет.

Дел од членовите на Предлог законот за јазици на кој што се согласил СДСМ, за ВМРО ДПМНЕ  се целосно неприфатливи и исклучително опасни и штетни по државните и националните интереси.

-Ваквите предлози и отстапки на СДСМ може да предизвикаат долгорочна штета и носат огромен потенцијал за да предизвикаат тензии и нестабилност на подолг период. Истовремено, голем дел од решенијата кои беа обелоденети со ништо нема да им помогнат за подобар живот на албанците во Македонија. Одговорноста за ваквата ситуација е целосно на товар на СДСМ кој не ја доби поддршката од граѓаните на предвремените парламентарни избори и се обидува на срамен начин, преку тргување со државните и национални интереси да обезбеди поддршка за формирање влада, пишува во соопштението на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ. кој одлучил партијата и избраните пратеници да се спротивстават на донесувањето на овој закон и ќе преземале соодветни мерќи да ја заштитат војлата на мнозинството.

Синоќа додека заседаваше ИК на ВМРО ДПМНЕ во штабовите на партијата по насока од Центарлата се одржуваа состаноци на општинските комитети.

Интернет порталите објавија фотографии и од пред партиските штабови , каде имаше голем број луѓе кои според пишувањата дошле да дадат подршка бидејќи биле револтирани од обидот за предавство на националните и државни интереси.