Македонија
2. July 2016 - 16:19

Ифтар вечера во претседателската вила

Само добрата мисла, почитувањето и прифаќањето на различноста ни помага да напредуваме заедно кон заедничка иднина порача претседателот Иванов.

Преку Ифтар вечера тој вчеравечер во Вилата Водно на сите припадници на исламската вероисповед им го честиташе светиот месец Рамазан, и истакна дека во овој период верниците имаат можност да ги исполнат заповедите за пост и молитва, за милост и солидарност кон посиромашните.

Иванов потенцираше дека Македонија ја негува вековната традиција на соживот и почитување на различните вери и религии.

Ова е особено важно денес кога живееме во време на предизвици, земјава минува низ длабока политичка криза, а Европа се соочува со криза на европската идеја.

Поглаварот на Исламската верска заедница, реисот Сулејман Реџепи му се заблагодари на претседателот Иванов за приредената вечера со која им се оддава почит на припадниците на исламската вероисповед и истакна дека единствено на ваков начин ќе се зголеми меѓусебната почит, толеранција и разбирање помеѓу граѓаните на Република Македонија. 

Покрај поглаварот на ИВЗ, на вечерата присуствуваа и муфтии, претставници на јавниот и политичкиот живот, како и на бизнис заедницата и граѓанскиот сектор.