Спорт плус
8. October 2017 - 19:30

Иџе: Бев казнет и сите се чудеа

Македонскиот автомобилст Игор Стефановски - Иџе до последните две трки возени денеска во Мост, Чешка беше во конкуренција за шампионската титула, но казната на првата трка ја скрати надежта за конечен успех. 
- Првата трка бев казнет за банален инцидент, за кој и судиите и натпреварувачите се чудат, зошто е доделена таква казна. Задоволен сум од постигнатото. Возилото е оштетено, во втората трка имав послаби перформанси затоа што добив удар од Шрајбер уште на почетокот. Левото тркало беше затворено во целост, гумите не можеа да издржат. Ја завршивме сезоната на четвртата позиција, иако имавме можност да се бориме за титулата. Радосен сум што можеме да им парираме на луѓето кои се долги години во шампионатот. Благодарност до сите кои ме поддржуваа, иако имам горчина во грлото, затоа што сепак, не ми е сеедно, изјави Стефановски со куса оценка за денешниот настап и сезоната во ЕТЦЦ шампионатот.
Денешните две трки Стефановски ги заврши на осмото место (првата) кога доби казна и на петтото место (втората) со проблеми со возилото. Стефановски во генералниот пласман е четвртопласиран.