Македонија
15. September 2017 - 14:18

Ибраимоски: Ги решаваме проблемите на Ромите

Го решивме десетгодишниот проблем во Шуто Оризари и отворивме гинеколошка ординација, во соработка со МИТ универзитетот обезбедивме десет стипендии за додипломски и пет за постдипломски студии за Роми, се исчисти депонијата на регионалниот пат Битола-Ресен и во тек е поставување на звучни ѕидови, изјави министерот без ресор Самка Ибраимоски, на денешната прес-конференција по повод 100 дена Влада.

-  Секогаш кажувам зборот е збор, јас ветив кога дојдов како министер дека брзо ќе се реши проблемот со гинеколог и проблемот се реши за неполн месец. Иницирав процес за отворање на ромски Културен центар во Скопје и тоа е веќе во постапка. Ќе отвориме ромска катедра на Педагошкиот факултет во Скопје. Правиме елаборат за отпочнување на педагошката академија од следната година, изјави министерот Ибраимоски, задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Македонија.

Посочи дека на средба со ЕВН иницирал решавање на проблемот со слабиот напон на електричната енергија во населените места Љубојно и Петочна Вода во Битола и Три Багреми во Прилеп, и дека веќе се работи на поставување на трафостаници.

- По барање на граѓаните подготвив предлог до Владата за деблокирање на трансакциските сметки на 80.000 граѓани. Воедно предлагаме каматата за долгови да не го надмине основниот долг, можност јавните претпријатија да ги повлечат барањата за извршување без дополнителни трошоци и наплатите на овие сметки да бидат преку УЈП, без никакви дополнителни трошоци, изјави министерот Ибраимоски.

Посочи дека годинава на 5 август е одбележан Денот на геноцидот врз Ромите во Втората светска војна во Меморијалниот центар на Холокаустот, а годинава од 7 до 11 ноември ќе биде одбележан и Денот на ромската азбука.

- Со цел подобрување на имплементацијата на Стратегијата за ромите на локално ниво и проблемите со кои се соочуваат Ромите досега се посетени и одржани средби во Кочани, Гостивар, Штип, Прилеп и Битола. Во тек се и посети на сите градови во Македонија за согледување на правата фактичка состојба, изјави Ибраимоски.

Нагласи дека во соработка со Делегацијата на ЕУ инициран е процес на евалуација на Декадата на Ромите од 2005 до 2015 година и Стратегијата за Роми, како и фондовите распределени во тој период, за што се обезбедени 150 илјади евра од ЕУ. Целта, посочи тој, е да се види дали некој направил злоупотреба и зошто не е имплементирано и не се потрошени парите таму каде што треба.

- Приоритет на мојот кабинет во следниот период ќе биде областа домување. Подготвуваме голема мапа во сите градови каде што се проблемите, а најголемиот е во Шуто Оризари. Веќе имаме обезбедено средства за зграда, но по завршување на локалните избори ќе бараме место, изјави Ибраимоски.

Прашан дали ќе има решение за Ромите под Кале, Ибраимоски рече дека донесена е одлука во Владата привремено да бидат сместени во Визбегово, каде и самите Роми прифатиле да бидат сместени во зимскиот период, а од наредната година ќе отпочне со трајно решавање на проблемот.