Бизнис
17. August 2016 - 16:05

ИБМ: Македонија стана препознатлива земја за странските инвеститори

Македонија стана препознатлива инвестициска локација за голем број компании, а оние кои допрва ја откриваат велат дека отсега ќе ја разгледуваат за своите идни инвестиции, велат креаторите на извештајот на ИБМ за локациски трендови за нови фабрики.

Со 6000 нови работни места објавени од странски инвеститори во 2015, Македонија втора година по ред е прва во светот во извештајот кој го споредува бројот на нови работни места отворени од странски компании на милион жители.

Лидерот на тимот кој го изгтови истражувањето вели дека Македонија има две силни страни на кои се должи ваквиот резултат, ниските трошоци за компаниите и квалитетните работници. Заради овие предности многу од компаниите веќе реинвестираа во земјата.

 - Тоа се многу силни точки и, морам да кажам, згора на тоа она што мислам дека помогна многу е што македонската влада или организацијата за промоција на инвестициите сработија многу добра работа во последните пет и повеќе години за да ја изрекламираат локацијата како потенцијална бизнис локација и тоа го правеа доста агресивно. Како резултат на тоа многу компании сега се свесни за Македонија, имаат некаква перцепција за македонската деловна средина и откако голем број на компании сега веќе имаат инвестирано со големи проекти таа позитивна порака се повеќе се шири, вели Шпее.

Според Шпее токму извештајот на ИБМ може да придонесе за ширење на пораката бидејќи е често консултиран од компанииите при носење на инвестициските одлуки.

- Овој извештај постои веќе 10 години на пазарот и е ден од ретките кои навистина гледаат во реалистичните резултати. Ова не е теоретска, академска вежба, туку е истражување базирано на одлуките кои ги носат компаниите и работните места кои објавуваат дека ќе ги отворат во различните земји, така што ова се податоци од реалниот живот  и компаниите го читаат овој извештај. Откако го објавивме пред 4 или 5 недели јас имав низа на јавувања од компании кои беа заинтересирани. Тие коментираа дека можеби треба да ја земат Македонија во предвид сега. Значи тие препознаваат дека Македонија има силен резултат две години по ред и оние компании кои не ја знаат Македонија се уште ова помога да се стави земјата на мапата. Некои компании ми го кажаа токму тоа, дека можеби треба да го разгледаат тој дел од светот и конкретно Македонија за нивните идни инвестиции.

Од 38% пред десетина години, стапката на невработеност во земјата се намали на 24,5% во првиот квартал оваа година.