Македонија
14. April 2017 - 16:30

Иако се очекуваше, велигденските празници не го испразнија главниот град

Продолжениот празничен викенд иако се очекуваше не го испразни главниот град. Во 13 часот на најфреквентниот булевар Партизански одреди имаше вообичаена фреквенција на автомобили исто како во работен ден.

Полн со луѓе беше и градскиот парк.

Нема разлика ниту во бројот на повици и интервенции на Службата за Брза помош.

-Овој продолжен празничен викенд имаме вообичаен број интервенции, претрежно кај хронично болни лица, и апелираме оваа категорија граѓани редовно да си ја земаат терапијата, изјави д-р Елена Карева Пиловска, шеф на смена во Службата за Итна медицинска помош.

Од Службата за итна медисинска помош апелираат граѓаните да внимаваат со исхраната за празниците посебно оние кои постеле.

-Оние лица кои постеле постепено и во мала количина да внесуваат масна храна за време на празниците, додаде д-р Карева Пиловска.

Исто така за време  на празниците од РСБСП апелираат на зголемена внимателност во сообраќајот посебно по завршувањето на постот и славењето на христовото воскресение Велигден утре по полноќ.

- Не управувајте со моторно возило ако сте под дејство на алкохол, макар и со испиена една чашка-две и почитувајте ги правилата за ограничување на брзината. Да не дозволиме спокојството и мирот од овие прекрасни празници да се претворат во нечија семејна трагедија само како последица на нечија грешка, погрешна одлука, нетрпеливост, непромисленост, желба за докажување, се наведува во соопштението од РСБСП.