Балкан
5. April 2017 - 12:09

И Србија си добива своја шарена револуција

 
Стоп за купување гласови“, „Ги украдовте изборите“, „Не сакаме тиранија“..., се дел од паролите што во понеделникот вечерта под заедничко мото „Протест против диктатурата“ ги истакнуваа неколку илјади, главно млади луѓе, во Белград и во неколку други српски градови по победата на актуелниот српски премиер Александар Вучиќ на неделните претседателски избори.
 
Зад протестите, кои без најавени и за синоќа, официјално не стои никој, ниту една политичка партија или некој од претседателските кандидати. Тие немаат ни причина бидејќи изборите во Србија, на кои Вучиќ победи веќе во првиот изборен круг со 55 проценти освоени гласови, поминаа во најдобар ред, без инциденти и поголеми поплаки од страна на учесниците, пишува Дневник.
 
 Сепак, на повиците на непознатите организатори упатени преку социјалните мрежи да се протестира против „диктатурата“ и „изборната кражба“ се одѕваа млади од Белград, Ниш, Чачак и Нови Сад и излегоа на протести, по што започна и лицитацијата со нивната бројка. Енигмата кој и зошто ги организира овие протести по изборите, кои никој од учесниците не ги оспори и не тврди дека се изборна кражба, постои и кај српските аналитичари. Меѓутоа, тие немаат дилеми дека протестите се организирани од еден центар кој ги координира и управува со нив преку наметнувањето на паролите од кои се гледа причината за незадоволството.
 
 Тие укажуваат дека на свој начин овие протести потсетуваат на почетокот на протестите кои во Македонија ги одржуваше парената револуција. Држење тензија до нови избори Познатиот српски аналитичар Драгомир Анѓелковиќ за „Дневник“ вчера изјави дека може да се каже оти начинот на кој сето тоа се организира потсетува на случувањата веќе видени во Македонија. - Јасно се гледа дека ова се прави по сценариото од Македонија.
 
 Сега ќе се види дали протестите ќе продолжуваат или ќе спласнуваат. Доколку траат повеќе од две недели, тогаш може слободно да се каже дека Србија ја добива својата шарена револуција. Ако спласнат, тогаш ќе има само неуспешен обид. Мислам дека победата на Вучиќ сепак е преголема и преубедлива за да може да се најдат причини за оспорувањето - смета Анѓелковиќ.
 
Во своите изјави протестантите како главна причина наведуваат дека се сомневаат оти изборите биле чесни. Тие кон зградата на српскиот парламент фрлаа јајца и други предмети, меѓутоа не дошло до поголеми инциденти. - Се собравме пред парламентот бидејќи изборите се одвиваа многу недемократски, особено во Белград - изјави еден од демонстрантите.
 
На фејсбук-страницата „Пуко си“, на која се најавуваат собирањата на незадоволниците, може да се прочита дека поента на протестите е да се тргне за да во иднина да се прекине со сето она што ги мачи граѓаните на Србија - мрачната иднина. - Протестот нема да има екипа што ќе го води. Почнува првата битка во војната за подобра иднина. Ништо не се решава за еден ден, посебно не диктатурата.
 
Излезете и покажете дека Александар Вучиќ не е ваш претседател. Времето на промените доаѓа - пишува во првиот повик за понеделничките протести. Анѓелковиќ смета дека се работи за аутистичен обид за правење проблеми. - Целта на организаторите очигледно е да се држи тензија, да се дејствува за предизвикување нови избори, слично како што беше и во Македонија. Тоа негативно ќе се одрази на економијата, ќе нема инвеститори, а потоа Вучиќ ќе се обвинува за лоша економска ситуација - вели тој. И аналитичарот Бојан Kлачар смета дека е енигматично тоа што не се знае кој стои зад протестите.
 
- Има мошне малку информации за нив. Формална причина е незадоволството од резултатите, што е чудно кога се знае дека изборите завршија регуларно. Не може да се заклучи дали ги организира некоја од партиите иако дел од опозициската јавност се приклучила. Во секој случај протестите се прилично синхронизирани. Тие би имале некоја смисла доколку се одржуваа пред изборите. За тоа дали ќе личи на македонската шарена револуција, ќе видиме на крајот - потенцира Kлачар.
 
Предупредување од изборниот спот Познато е дека во текот на својата предизборна кампања Александар Вучиќ дури истапи и со посебен пропаганден спот во кој главната поента му беше дека нема да дозволи македонско сценарио во Србија. –
 
 Тие сакаат да предизвикаат македонско сценарио во Србија. Ветувам дека ќе се борам против оние што сакаат македонско сценарио во Србија. Ќе се борам до последен здив, со сета сила да ги зачуваме мирот и стабилноста. Тоа е мојот завет кон вас, тоа е мојот завет кон Србија - изјави Вучиќ во текот на својата кампања. Во изминатиот период Вучиќ како српски премиер повеќе пати обвинуваше странски, западни дипломатски претставници за обидите да се мешаат во внатрешните работи во Србија. Тоа посебно дојде до израз кога се случуваа протестите на граѓаните за уривањето на населбата Сава Мала заради големиот проект „Белград на вода“. Српскиот дневен весник „Информер“ во најавата за своето денешно издание директно обвини дека зад протестите стојат инсталациите на американскиот магнат Џорџ Сорос и неговата фондација „Отворено општество“.
 
 - Сорос им нареди на своите луѓе да направат хаос и немири во Србија. Таква информација добија српските безбедносни служби. Основачот на движењето „Отпор“, Иван Марковиќ, го најави своето враќање во Србија - пишува овој весник. Во српската политичка јавност пред изборите циркулираа информациите дека токму опасноста да му се случи организирање на српската шарена револуција била и причината зошто Вучиќ се решил да се кандидира за претседател на државата. Со тоа си обезбедил една од две најмоќни позиции во земјата и во наредните пет години. Сепак, аналитичарот Анаѓелковиќ смета дека тоа не е главна причина. - Решавачко било тоа што сите анкети покажувале оти нивниот досегашен претседател, Томислав Николиќ, не може да победи на изборите и затоа морало да влезе во игра Вучиќ, кој има голем рејтинг - вели Анѓелковиќ.
 
- Сè додека некој изразува став „за“ или „против“, додека се останува на викање, тоа е во ред и нормално е. Ние сме демократска земја и секој има право да биде среќен или несреќен поради изборните резултати. Замислете кога јас би ги повикал своите приврзаници да славиме победа - оцени вчера Александар Вучиќ. Од претседателските кандидати само Саша Јанковиќ ги поддржа протестите бидејќи изборите биле нефер, а граѓаните имаат право да протестираат. За разлика од него, третопласираниот кандидат Љубиша Прелетачевиќ - Бели предупреди на можноста некој да ги искористува протестите. - Се плашам дека некој сака таа младина да ја искористи за лични интереси и интереси на своја партија - изјави тој