Балкан
27. May 2016 - 10:39

Хрватска се уште не дозволува продолжување на преговорите на Србија за членство во ЕУ

Договор за отстранување на хрватската блокада и отворање на поглавјето 23 во преговорите за пристап на Србија кон Европската унија се уште не е постигнат, а кога ќе биде направен, јавноста ќе биде известена, изјави хрватскиот министер за надворешни и европски работи Миро Ковач. 

Европскиот комесар за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан изјави претходно дека е постигнат договор со Хрватска во врска со отворањето на 23 поглавје Правосудство и основни права и дека тоа треба да биде потврдено следната недела, на состанокот на Корепер, телото кое  го сочинуваат амбасадорите на државите членки на ЕУ. 

Српските медиуми исто така објавија дека Хрватска и дала писмена согласност на Србија за отворање на поглавјето 23, што хрватското Минисерство за надворешни работи го демантираше, со образложение дека станува збор за пропаганда со цел дезинформирање на јавноста. 

Ковач по тој повод изјави дека разговарал со Хан за тоа во вторникот, но дека договор се уште не е постигнат, истакнувајќи дека мора да им се даде значење на хрватските барања. 

Хрватска како мерило за отворање на поглавјето 23 во преговорите со Србија, бара целосна соработка со Хашкиот суд, укинување на законите за надлежноста на Србија во процесуирањето на воени злосторства на територијата на цела поранешна Југославија и обезбедување на правата на хрватското малцинство.