Македонија
4. April 2017 - 20:26

Хорор во градовите: Убивање на улични кучиња и мачки со стапици од жица, бесење и труење со отрови

Убивање на улични кучиња и мачки со стапици од жица, бесење и труење со отрови расфрлани по паркови е хоророт кој со денови се случува во повеќе градови во државата. По трите напади на кучиња врз деца од кое едно почина, здруженија за заштита на животни алармираат за невидена суровост која се случува пред очите на сите. Предупредуваат дека стапиците можат да бидат смртоносни и за луѓето доколку некој се фати во неа.

-Граѓаните мора да разберат дека според научни истражувања агресијата кај животните се намалува за дури 95% откако ќе се стерилизираат/кастрираат, а со вакцинирање им се одржува здравствениот статус и не се извор на зарази за човекот. Труењето на бездомните животни не само што е кривично дело, туку е и огромна опасност за човекот, особено за децата, стои во сооштението на здружението за заштита на животни ЕДЕН.

Бараат итна реакција на МВР, Агенцијата за храна и ветеринарство и локалните власти да го запрат хоророт и да овозможат хуман и ефикасен третман на бездомните животни. Исто така апелираат да биде стопирана и слободната продажба на отрови кои се опасност за сите. 

-Слушаме за таа практика и секако сакаме да апелираме до граѓаните да не го прават тоа, бидејќи овие отрови можат да бидат нмогу опасни и за луѓето а и да завршат со фатален исход, вели Зоран Поповски, директор на Агенција за храна и ветеринарство.

Отворање на стационари за згрижување на бездомните кучиња, стерилизација, чипирање па дури и задолжителен данок за сопственици кои одбиваат кастрирање на милениците се само дел од решенијата кои ги нудат здруженија се со цел да прекине нехуманиот однос кон уличните мачки и кучиња.