Свет
25. January 2017 - 15:42

Холандија иницира создавање светски фонд за помош на жените кои сакаат да абортираат

Холандија соопшти дека иницирала формирање нов меѓународен фонд за помош на жените кои сакаат да абортираат, јавија светските агенции.

Холанската Влада за оваа тема веќе одржала претходни разговори со другите земји од ЕУ, кои позитивно и одговориле на иницијативата, изјави портпаролот на холандското Министерство за надворешни работи Херман ван Гелдерен .

Според Ван Гелдерен, влади на државите надвор од ЕУ, компании и социјални институции, исто така, биле поканети да учествуваат во фондот.

Министерката за надворешна трговија и соработка за развојот, Лилијане Плоумен, проектот го соопшти вчера како одговорот на директивата која новиот американски претседател Доналд Трамп ја потпиша претходниот ден. Указот на Трамп ја враќа забраната за меѓународните невладини организации да добиваат финансиски средства од САД кога обезбедуваат абортуси или ги препорачуваат абортусите како средство за семејно планирање во странство.

По пресметките на холандските власти, оваа одлука на Вашингтон во текот на следните четири години ќе предизвика недостиг од 600 милиони долари за овие организации.

Трамп се закани дека ќе го запре и федералното финансирање на изведување на абортуси на територијата на САД.

Плоумен сака да основа нов фонд, што ќе се поддржува од владите, бизнисот и социјалните организации, за да го „компензира проблемот со финансирањето, доколку е тоа можно“.