Македонија
1. May 2017 - 19:04

Хојт Ји: САД се подготвени да помогнат земјата да оди напред, проблемите да се решаваат во институциите

Дебатата помеѓу политичките партии за надминување на разликите треба да се води во Собранието, порача замненикот помошник државен секретар на САД Хојт Ји.

По средбите со политичките лидери Ји потенцираше дека САД и натаму останува стратешки партнер на земјава со цел побрза интеграција во НАТО и Европската унија, но неопходно е формирање на нова Влада која ќе биде посветена на спроведување на неопходните реформи.

Ји најостро ги осуди инцидентите во Собранието и побара надлежните институции час поскоро да го расчистат случајот.

Хојт Ји утрово се сретна и со престседателот Ѓорѓе Иванов. Од неговиот кабинет велат дека и на оваа средба шефот на државата го повторил својот став, дека нема да го додели мандатот за состав на новата Влада се додека не добие гаранции од СДСМ за заштита на унитарноста на Македонија. Иванов повикал и на поголема политичка волја за надминување на правните и политичките пречки, а за полесно решавање на овој проблем Иванов побарал и помош од САД како стратешки партнери на земјава.

Преку партиско соопштение по средбата со Хојт Ји одговорија и од СДСМ. Оттаму велат дека во следните денови заедно со своите коалициски партнери ќе го известат Иванов за новото парламентарно мнозинство со цел добивање на мандатот, а гаранциите за заштита на унитарноста на земјава според СДСМ се дел од нивната владина програма.

Хојт Ју попладнево ја заокружи својата дводневна посета на земјава, во рамки на која вчера оствари средби и лидерите на албанските политички партии.