Свет
15. December 2015 - 13:04

Хилари Клинтон: Бил (Клинтон) може да биде извонреден „прв денди“

Водечкиот претендент за номинацијата на Демократската партија за претседателските избори во САД следната година, Хилари Клинтон првпат јавно проговори за можноста таа и нејзниниот сопруг Бил Клинтин да се вратат во Белата куќа.

Во едно забавно телевизиско ток-шоу, Хилари изјави дека „Бил (Клинтон) би можел да биде извонреден „прв денди“ (партнер на жена-претседател)“, предизвикувајќи позитивна реакција на публиката.

Уште повесела била реакцијата кога водителот го нарекол Бил Клинтон „потенцијално добар и искусен прв џентламен во Белата куќа“, што би требало да биде соодветна замена за „прва дама“, неформалниот назив на сопругите на американските претседатели.

На 11 месеци пред претседателските избори, САД се наоѓаат пред една необична и досега незабележана ситуација во нивната политичка историја.

Станува збор за можноста еден поранешен претседател и некогашната „прва дама“ одново да се вратат во Белата куќа, но во заменети улоги - сега сопругата да биде шеф на државата, а сопругот да се најде во улогата на нејзиниот партнер.

Хилари Клинтон има уверлива предност меѓу кандидатите кои се во трката за номинација на Демократската партија за изборите во ноември 2016 година, па доколку не се случи ништо непредвидено, американските гласачи ќе треба да одлучуваат меѓу неа и кандидатот на Републиканската партија за тоа кој ќе ги наследи Барак Обама.

Сегашните испитувања на јавното мислење покажуваат дека Хилари би можела да го совлада Доналд Трамп, кој уверливо води кај републиканците, како и второпласираниот, републиканскиот сенатор од Тексас, Тед Круз.

Евентуалната победа на Хилари Клинтон би значело дека САД првпат во својата историја ќе имаат жена за претседател, но во тој случај ќе се соочат со преседанот на таа функција да дојде една поранешна „прва дама„.

Бил Клинтон, кој беше претседател во два мандати, пак би се вратил во Белата куќа, од каде излезе во јануари 2001 година, овојпат само како сопруг на претседателот и „прв џентламен“.