Фудбал
3. November 2016 - 20:07

Хероите од У-21 ќе и се спротивстават на Шпанија

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Игор Ангеловски по објавувањето на списокот повикани фудбалери за натпреварот со Шпанија даде свое видување за играчкиот кадар во селекцијата и очекувањата од натпреварот. На прес-конференцијата селекторот истакна дека очекува амбициозна Македонија на пресметката против трикратниот европски шампион и мундијалски победник од 2010 година.

- Тоа што како стручен штаб го најавивме кога ни беше укажана довербата да ја предводиме А селекцијата на Македонија започнуваме да го реализираме. На почетокот од нашата работа поставивме три важни цели. Да создадеме тим кој ќе биде спој на искуство и младост, да се обидеме таа екипа да функционира и квалитетно да се спротиставува на секој противник и да бележиме подобри резултати во однос на претходните квалификации. Првите две главни цели мислам дека сме на добар пат да ги оствариме, а до крајот од циклусот ќе сториме се да го подобриме пласманот и рејтингот на македонскиот фудбал, изјави Ангеловски.

Тој додаде дека фудбалерите кои се повикани од младата репрезентација го заслужија повикот.

- Со пласманот на Европското првенство остварија историски резултат и самите се наметнаа во најдобрата репрезентација, а не само затоа што јас ветив дека ќе им дадам шанса или затоа што јавноста тоа го бара.

Ангеловски побара трпение од јавноста кога е во прашање вклучувањето на играчите од составот до 21 година во најдобриот национален тим.

- Треба да имаме трпение, очекувам амбициозна Македонија, но не треба еуфорично да го прифаќаме фактот што сега во тимот имаме неколкумина од младата репрезентација. Мора да бидеме внимателни, да ги користиме на позиции каде што е најнеопходно и постепено да го дополнуваме квалитетот на сето она што досега го одигравме во квалификациите, заврши предводникот на „рисовите“.