Македонија
10. November 2016 - 17:36

Херитиџ: Обама да изврши притисок врз Грција за прием на Македонија во НАТО

Лук Кофи и Даниел Кочис, аналитичари на американската водечка конзервативна фондација Херитиџ, го повикаа претседателот Барак Обама при својата посета на Грција да изврши притисок оваа земја конечно да го дозволи членството на Македонија во НАТО. Обама ќе допатува во Грција на 15 ноември, што ќе биде негова прва посета на оваа земја и ќе биде дел од прошталните турнеи на американскиот претседател во заминување.

- Време е да се изврши притисок. При неговата прва посета на Грција, претседателот Обама може да покрене неколку клучни прашања, вклучително поддршката што Грција и ја дава на руската воена флота и нејзиното блокирање на приемот на Македонија во НАТО. САД треба да ги претстават аргументите за прием на Македонија. Грчкото тврдоглаво однесување во спорот за името, како и кршењето на меѓународното право од нејзина страна, ја загрози политиката на проширување на НАТО. САД треба да ја охрабрат Грција да и дозволи на Македонија да стане членка на НАТО согласно одредбите на Времената спогодба од 1995 година, пишуваат Кофи и Кочис во анализата објавена од страна на фондацијата Херитиџ.

Во текстот се објаснува грчкиот спор со името на Република Македонија и како тоа влијаеше Грција да ги блокира македонските интеграции. Херитиџ објаснува и дека Македонија ги исполнила сите услови за членство во НАТО, но дека Грција во последен момент се решила да стави вето на проширувањето на самитот во Букурешт во 2008 година. - Во декември 2011 година Меѓународниот суд на правдата пресуди дека грчкото вето е директно кршење на Времената спогодба од 1995 година. Но, и покрај тоа, Грција продолжува да го блокира приемот на Македонија и со тоа да и наштетува на Алијансата, пишуваат Кофи и Кочис.