Свет
17. December 2017 - 9:51

Хеликоптерска несреќа - загинаа шест лица, меѓу кои и сестрата на претседателот на Хондурас

Сестрата на претседателот на Хондурас, Хуан Орландо Хернандез и министерка во неговата Влада, Хилда Хернандез (51) загина со уште пет лица во хеликоптерска несреќа, соопшти армијата на Хондурас.
 
- Остатоците од хеликоптерот се лоцирани и нема преживеани. Шестте лица кои беа во хеликоптерот, вклучително и Хилда Хернандез, пронајдени се мртви, изјави претставник на армијата.
 
Со Хилда патуваа четворица припадници на нејзиното обезбедување и пилотот.
 
Таа беше советник на претседателот на Хондурас и министерка за комуникации, а во претходната влада на претседателот Порфирио Лоба беше министерка за општествен развој.
 
Претседателот Хуан Орландо Хернандез на претседателските избори одржани на 26 ноември освои 43 отсто од гласовите, додека неговиот противкандидат Салвадор Насраљ - 41,4 проценти од гласовите, но тој не ги признава изборните резултати. Врховниот суд на Хондурас се уште не прогласил победник на претседателските избори.