Македонија
26. July 2016 - 19:35

Хартиените билети во автобусите одат во историја

Од први септември само со картичките СКОПСКА ќе можете да се возите во автобус. Хартиени билети кај возачот повеќе нема да се купуваат, ЈСП воведува нов систем на наплата. Од први следниот месец стапува во функција и единствениот тарифен систем со што цените на услугите на ЈСП и приватните автобуси ќе бидат исти. Доколку немате електронска картичка ќе платите со мобилен телефон.

-Оптимизација на возниот ред и стриктно придржување кон истиот. На овој начин, се очекува намалување на турканиците во автобусите и навремено пристигнување до посакуваната дестинација на граѓаните. Со целосното преминување на системот за наплата со електронските картички, од 1 септември 2016 година, целосно се укинуваат хартиените билети.Нашата цел е што повеќе да ги приближиме граѓаните кон јавниот транспорт, преку подобрување на квалитетот на услугата, изјави Игор Јанушев директор на ЈСП

Автобусите ќе се движат по единствени линии строго определени за сите превозници. Град СКопје ќе ги опслужува граѓаните со 590 возила од јавниот и приватниот автобуски превоз. Со новиот систем се воведуваат валидатори и ГПС уреди преку кои во реално време ќе може да се лоцира автобусот.  Со која брзина се движи, дали застанува на сите постојки, дали има дефект или било каков  технички проблем сето ова ќе може да се следи  преку оперативниот контролен центар и навремено да се реагира. Граѓаните  ќе бидат информирани и за промена на некоја траса или за затворена улица. Од почетокот на годината кога се воведе електронската наплата  купени се над 130 000 картички.