Свет
22. November 2017 - 10:16

Харири присуствуваше на воена парада во Бејрут

Премиерот на Либан, Саад Харири присуствуваше на воена парада по повод националниот празник на земјата, што беше негово прво официјално појавување по речиси три седмици, откако поднесе оставка за време на посета на Саудиска Арабија.

Појавувањето на Харири во Бејрут беше проследено со аплауз од страна на присутните кои се собраа да го прослават Денот на независноста, при зајакнати мерки за безбедност.

Харири синоќа се врати во Либан, откако пред повеќе од две недели преку телевизиско обраќање од Саудиска Арабија објави дека поднесува оставка.

Неочекуваната оставка поттикна шпекулации дека Саудиска Арабија го принудила Харири да поднесе оставка и оти тој е заложник на властите во Ријад. 

Либанскиот претседател Мишел Аун изјави дека нема да ја прифати оставката на премиерот, додека тој не му ја врачи лично. Се очекува тие двајца да се сретнат со претседателот на Парламентот Набих Бери по парадата.

Харири во саботата го посети Париз на покана на францускиот претседател Емануел Макрон, а пред да се врати во Либан ги посети Египет и Кипар. Тој со приватен авион слета во Бејрут.

Харири кон крајот на минатата година стана премиер на Либан и ја предводеше Владата на национално единство, во која учествуваа и членови на шиитската екстремистичка група Хезболах. Владата беше поделена помеѓу тие што се лојални на Саудиска Арабија, предводени од сунитскиот муслиман Харири и лојалните на Иран, предводени од Хезболах.

Харири, кога на 4 ноември поднесе оставка го обвини дека Либан е заложник на Хезболахм тврдејќи дека постои заговор за негов атентат