Балкан
19. October 2017 - 17:04

Харадинај: Србија да не се меша во изборната кампања во Косово

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај го осуди „мешањето на Србија во локалните избори во Косово“, оценувајќи дека тоа не е во интерес на добрососедството.

Ваквиот став на Харадинај уследи откако повеќе претставници на властите во Белград ги повикаа косовските Срби да излезат масовно на на локалните избори и да гласаат за партијата Српска листа.

Харадинај посочи дека добрата интеграција на Србите од Косово е од ваземен интерес и оти секој обид да се наштети на оваа цел ќе се смета за непочитување на нивната политичка волја.

- Владата на Косово и јас лично, како премиер, силно го осудуваме актот на мешање на институциите на Србија во изборната кампања за локалните избори на Косово. Ваквите постапки се во спротивност со принципите на добрососедство и и се закануваат на суштината на нормализацијата на односите меѓу двете држави, објави Харадинај на својот профил на Фејсбук.

Според него, косовските Срби имаат право на избор и изборот на нивни претставници без мешање од надвор, ќе се почитува од страна на властите на Косово.

Локалните избори на Косово ќе се одржат в недела на 22 октомври.