Македонија
26. јуни 2017 - 19:05

Хан: Сите одговорни актери да се сконцентрираат на задачите што претстојат

Итните реформски приоритети и спорведувањето на договорот од Пржино мора да бидат во фокусот и на власта и на опозицијата, порача еврокомесарот Јоханес Хан. Задоволен од новата динамика на Владата, Хан посочи дека за задачите и предизвиците кои стојат пред Македонија потребен е национален консензус. Тој го поздрави и позитивниот исчекор кој го направила новата Влада за воспоставување добрососедски односи со Грција и Бугарија. Хан попладнево присуствуваше и на владина седница посветена на евроинтеграцискиот процес на земјава.

После сите настани што ги посведочив во оваа земја, драго ми е што можам да видам една нова динамика на настани насочени кон подобрување на животот на сите граѓани во земјата. Мојата порака денес до сите е да се сконцентрираме на задачите што претстојат. Сите одговорни актери, а тука ги вклучувам и опозицијата и судството и другите институции треба да работат на создавање модерно општество кое добро ќе функционира за добро на сите граѓани без оглед на нивната припадност, рече Хан.

Главниот фокус на Владата во следниот период ќе бидат реформите во судството, владеењето на правото, администрацијата, медиумите и борбата против корупцијата. премиерот Заев потенцираше дека овие реформи ќе бидат презентирани во јавноста до 1 јули кога се очекува Владата да го заокружи Акцискиот план за побрза евроинтеграција на земјава. Цел е до крајот на годинава Македонија да добие чиста препорака за почеток на преговорите со Унијата, а веќе следната година и датум за старт на пристапните преговори.

- Како Влада покажавме зрелост. Очекуваме одговорност од сите затоа што целта ни е заедничка – позитивни промени и членство на Македонија во ЕУ и НАТО. Ако дејствуваме заеднички сите во државата успехот ќе биде заеднички. Тоа ќе биде успех на РМ и на сите нејзини граѓани. Тоа е врвен приоритет на Владата. Ве уверувам дека Македонија е на вистинскиот пат, на европскиот пат, рече Заев

Свој придонес за забрзување на евроинтграцискиот процес ќе даде и Рајнхард Прибе кој пред две години го изготви реформскиот извештај за Македонија. Германскиот експерт утре ќе допатува во Скопје со цел да го дефинира темпото за спроведување на акцискиот план на Владата, а најавени се и негови средби со претставници на политички партии.