Македонија
26. July 2016 - 20:33

Хан: Проширувањето на ЕУ нема да запре – Прашањето за името на Македонија мора да се адресира

Проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан ќе продолжи и покрај БРЕКЗИТ-от, растечкиот евроскептицизам и отпорот кај некои земји-членки за прием на нови држави во европското семејство. Западниот Балкан е стратешки регион за Унијата и сите земји мора да станат членки, што беше реафирмирано на Самитот ЕУ- Западен Балкан, вели еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за виенски ,,Стандард’’.

Според Хан најважен критериум за членство ќе биде владеењето на правото и борбата против корупцијатак, и сите преговори за членство ќе почнуваат и ќе завршуваат со ова поглавје. Еврокомесарот се сложува дека ветувањата за членство на овие замји предолго траат, уште од 2003-та, но и дека во последно време има поместување.

,,Оваа недела бевме во можност да отвориме две преговарачки поглавја со Србија, за владеење на правото и фундаменталните права и правда, што е огромен исчекор. Во Албанија поминаа најсодржинските судски реформи. Во Македонија има многу важен исчекор во имплементирање на договорот од Пржино, и се надевам дека тоа ќе ја води земјата кон решавање на политичката криза. Тоа беше добра недела и за мене и за проширувањето’’, изјави Хан.

Австирскиот дипломат ја нагласува улогата на Берлинскиот процес како круцијален политички формат за реализација на заеднички проекти на Балканот, но и за помирувањето меѓу државите. Конкретно за  Македонија, Хан вели дека ќе мора да се адресира прашањето за името, и дека ќе го сторат тоа.

Во интервјуто главно посветено на спорните чекори во Турција по неуспешниот пуч, Хан зборува и за мигрантскиот бран, кој многу зависи од ситуацијата во оваа земја.

Еврокомесарот уште еднаш ја нагласува соработката и улогата на Македонија и на Србија во затворање на балканската рута. Хан вели дека нема да дозволи тие земји да станат паркинг за бегалците и дека на сите мигранти сега им е јасно дека балканската рута е трајно затворена.