Македонија
20. November 2017 - 15:28

Хан: Постигнат е голем напредок, шансите за преговори сега се поголеми

Постигнат е голем напредок во Македонија и Европската комисија и членките на ЕУ сега гледаат попозитивно на состојбите во земјата и можноста за почнување на пристапните преговори, истакна еврокомесарот за проширување и соседска политика Јохане Хан на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

- Сакаме на почетокот на следната година ЕК да препорача почеток на преговорите и сега сме посигурни од минатато дека земјите членки ќе дадат согласност за таквата препорака. Треба да се истрча последниoт километар или половина километар од маратонот. Целта ќе биде постигната ако почнеме преговори и ние посветено работиме на тоа, рече Хан.

Работите одат во добра насока, посочи еврокомесарот, но треба уште да се работи, со реформа на безбедносните служби, правосудството и админситрацијата.

Според Хан, важно е и опозицијата да ја преземе својата улога и да биде одговорна. 

- Ако ЕУ е национален приоритет, целта може да се постигна само ако сите одат во ист правец. Затоа ја повикувам опозицијата да биде конструктивен критичар за да се испочитуваат сите рокови и датуми за кои се договоривме, рече Хан.

Хан 2

Премиерот Заев, пак, информира за преземените активности во делот на итните реформски приоритети во судството, контролата на разузнавачките служби и за целосна деполитизација и професионализација на администрацијата. Нагласи дека домашните реформски иницијативи и активности во надворешната политика никогаш не биле подинамични и оти интензивно се работи на подобрување на односите со сите соседи, вклучувајќи ја и Грција со која забрзано и заеднички се работи на решавање на проблемот.

- Затоа очекуваме со право РМ да стане дел од Стратегијата за проширување на ЕУ најавена да биде соопштена во февруари наредната година. Очекуваме да добиеме чиста препорака за влез во ЕУ и датум за претпристапни преговори на ЕУ со РМ. Ние ќе испорачаме резултати затоа што овие реформи пред се се за наше добро, но во исто време очекуваме нивно соодветно вреднување од европските институции. Време е во многу блиска иднина да се направи неопходен исчекор и РМ целосно да биде извлечена од долгогодишната криза и со европскиот ветер во грбот да ја заокружи својата визија за модерна, економски напредна и респектирана држава. Заеднички РМ, државите од регионот и ЕУ да го зграбиме моментот за доброто на сите граѓани, рече Заев.

Во врска со најавата за стратегијата на ЕУ за Западен Балкан,  Хан посочи дека во стратешки документ ќе бидат вклучени сите шест земји од Западен Балкан во насока на нивната перспектива за добивање полноправно членство во ЕУ, меѓу нив и Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со стратешкиот документ којшто се подготвува, а во кој според некои информации од Брисел за полноправно членство во ЕУ во 2025 година се предвидени Србија и Црна Гора, Хан посочи дека на регионот на Западен Балкан во Брисел се гледа како целина и дека нема да постои дистинкција меѓу земјите.

Заев од своја страна истакна дека тој би сакал Македонија и пред 2025 да стане членка на ЕУ, но оти тоа е негова желба и нагласи дека земјата ќе продолжи интензивно да работи во насока на исполнување на потребните перформанси за приближување кон Унијата.

Премиерот напомена дека домашните реформски иницијативи и активностите во меѓународната политика на земјава никогаш не биле подинамични поради што и очекува земјата да стане дел од стратешкиот документ на ЕУ во февруари, а понатаму и да добие чиста препорака од Унијата.